Ред бул рејсинг и Ферари, двата тима кои победија на сите досегашни 10 трки од Светскиот шампионат во Формула 1, може да ја загубат предноста која ја имаа пред конкуренцијата, откако ФИА потврди дека ќе се обиде да ги „нормализира“ правилата околу подовите на болидите.
ФИА пред Канадското ГП минатиот месец, донесе техничка директива за „потскокнувањето“ на болидите под новите технички регулативи, кои најзабележително им правеа проблеми на Мерцедес. Со оваа наредба, од Француското ГП, болидите кои ќе имаат опасно ниво на осцилации, ќе мора да го кренат подот на болидот, со што ќе загубат на потисна сила, и секако на брзина.
За да се постави лимит, ФИА изврши мерење на Канадското ГП, носејќи одлука дека подот на болидот не смее да се „витка“ повеќе од 2 милиметри. Според повеќе извори, Ферари и Ред бул дозволиле виткање поголемо од 2 милиметри, со што имале помалку вибрации на рамните делови и на кривините. Ова, сепак, технички не е нелегално според правилата на ФИА, бидејќи досега немаше ваква директна забрана, која ќе стапи на сцена на Француското ГП.
Шефот на Мерцедес, Тото Волф, беше изненаден од користењето на оваа техниа.
„Никој не знаеше додека ФИА не го повлече прашањето на последниот состанок. Тоа беше изненадување за тимовите, бидејќи намерата на регулативите беше многу јасна. Сите бевме шокирани“, изјави за време на Британското ГП, Волф.
Во Ред бул, пак, се на поинакво мислење – шефот Кристијан Хорнер изјави дека само бидејќи некој тим си ја завршил подобро работата, не треба да биде казнуван со промена на регулативите сред сезона. „Скај спортс“, пак, објави дека Волф и шефот на Ферари, Матија Биното имале „голема и жестока расправија“ во Силверстоун токму околу овие правила.
Сепак, ќе биде интересно да се види дали од трката во Франција, предноста која ја имаа двата супериорни тимови оваа сезона ќе остане, или пак, навистина ќе донесе до голем пресврт во перформансите во корист на Мерцедес.