Top Sport

Првиот спринт во сезоната за Ферстапен, Хамилтон втор

Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен, триумфираше на првата спринт трка во сезоната, која се возеше како дел од Големата награда на Кина, петта трка од овогодинешниот шампионат во Формула 1.

Трикратниот светски шампион славеше со повеќе од 13 секунди предност пред Луис Хамилтон од Мерцедес, додека на третото скалило на подиумот се најде вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез.

Од пол-позицијата стартуваше Ландо Норис во Мекларен, кој веднаш беше предизвикан од агресивниот Хамилтон, кој не му даде простор да остане во водство. И додека седумкратниот светски шампион го презеде водството, помладиот од двајцата Британци отиде широко и падна на седмото место, додека Хамилтон го следеа Алонсо и Ферстапен.

Бранителот на титулата најпрвин го стигна, а потоа во седмиот круг и го престигна Шпанецот, а два круга подоцна го презеде водството, откако Хамилтон практично не се бранеше, а потоа лесно се одлепи.

Возачот на Мерцедес исто така немаше конкуренција во борбата за второто место, но зад него се одвиваше голема борба за третата позиција. Алонсо најпрво беше предизвикан од Карлос Саинц Јуниор, но возачот на Астон Мартин се бранеше агресивно, што го искористи Перез и ги претекна двајцата.

Во еден момент дојде и до контакт меѓу двајцата Шпанци, поради што Алонсо мораше да се повлече од трката, а потоа дојде до борба меѓу Саинц и неговиот тимски колега Шарл Леклер.

На тој дуел имаше доста искри, а Леклер успеа да се снајде подобро и да стигне до четвртото место со две секунди зад Перез. Саинц беше три секунди поназад, пред Норис и Оскар Пјастри и Џорџ Расел во вториот Мерцедес, кој го освои последниот поен.

Во генералниот поредок сега води Ферстапен со 85 бодови, 15 повеќе од Перез, додека Леклер е трет со 64.

Scroll to Top