Кими Раиконен вели дека не треба да има конфузија околу казната која ја доби возачот на Ред бул, Макс Ферстапен за претекнувањето во последниот круг на Американското ГП, бидејќи сите возачи знаат каде е границата на патеката.
Ферстапен го помина возачот на Ферари за третото место во последниот круг на кривината број 17, но стјуардите оценија дека потегот е нелегален и му дадоа казна од 5 секунди со што тој заврши на четвртото место. Ферстапен и голем број фанови сметаа дека ова е престрого, посебно бидејќи и претходно во трката имаше слични претекнувања. Раиконен не е вознемирен.
„Сите знаеме каде е границата на патеката. Не го видов тоа што го видоа стјуардите и што тој направи, така што нема да коментирам. Но, тоа е одлуката. Сите знаеме дека не треба да одиме преку белата линија и ако го правиме тоа, тогаш ќе има проблеми“, објаснува Раиконен.