Кими Раиконен вели дека не сфаќа зошто Нико Розберг се повлече од Формула 1 за да се врати како ТВ-коментатор.
Возачот на Ферари, кој неодамна објави автобиографија, уште нема договор за 2019 година, иако се верува дека Скудерија ќе му дадат нов едногодишен договор. Но, ако мора да се повлече од Ф1, шампионот од 2007 година вели дека целосно ќе замине од спортот.
„Не, нема да биде многу тешко да се сопре со оваа работа. Ќе бидам опуштен кога сите обврски околу возењето Ф1 болид ќе завршат. Возењето во Формула 1 е прекрасно, но ништо друго не чини. Како и да е, нема да бидам како Розберг. Кога тој објасни зошто се повлекува тоа беше кул и го разбирав. Но, сега стои таму со микрофон“, вели Раиконен.
Ако Финецот реши да остане во Формула 1, тоа нема да биде јавна работа.
„Да, би бил заинтересиран да правам нешто како развој на болидот, но во позадината, не пред јавноста. Сигурно нема да стојам со микрофон таму“, додава Финецот.