Ралф Шумахер, помладиот брат на седумкратниот Ф1 шампион Михаел, вели дека е вознемирен од случувањето во неговиот поранешен тим Вилијамс, со кого ги оствари шесте победи во Ф1 кариерата.
Во интервју со германскиот портал „Моторспорт-тотал“, 43-годишниот Ралф вели дека тимот во моментов се владее со „страв и терор“, но потсетува дека имало иста ситуација кога Сер Френк Вилијамс сам го водеше тимот во 1970-тите.
„Вилијамс има многу посебен начин на лидерство. Додека Патрик Хед беше со него беше балансирано. Тоа е начин на водење на тимот од 1970-тите и 1980-тите, со страв и терор. Вистинска штета, бидејќи на луѓето им е потребна мотивација“, вели Ралф.
Хед се пензионираше, и сега тимот е во рацете на ќерката на Сер Френк, Клер Вилијамс. Минатата сезона беше најлошата во историјата на тимот, а ниту почетокот на 2019 не ветува многу.
„Со сегашната структура, Вилијамс не може да го извлече максимумот од вработените, бидејќи нема тимски дух. Инженерите работат еден против друг, наместо заедно. Клер ги заддржа навиките од својот татко и не знам дали тоа е вистинската работа за неа. Педи Лоув беше отпуштен, а беше успешен со другите тимови, така што ниту тој не успеа да ги врати на вистински пат. Тоа е доволно да се сомневате во иднината на тимот“, додава Ралф.