Top Sport

Расел: Ред бул ќе победат на сите трки, Леклер: Тие се од друга планета

Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел има „црно“ предвидување за сезоната 2023 година во Формула 1 која денеска стартуваше во Бахреин, оценувајќи дека Макс Ферстапен и Ред бул рејсинг ќе победат на сите 23 трки од сезоната.

Ферстапен стигна до доминантен триумф од пол-позицијата пред својот колега Серхио Перез, додека Ферари и Мерцедес, двата тима кои имаа победи лани имаа проблеми и дозволија Фернандо Алонсо во Астон Мартин да го освои третото место на трката.

„Ред бул веќе ја имаат осигурано светската титула. Не верувам дека некој ќе се бори со нив оваа година. Би се обложил дека ќе победат на сите трки оваа сезона. Лесно им е во моментов и можат да прават што сакаат. Не мораат ниту да бидат на пол-позиција секоја трка, бидејќи знаеме дека Ферари се силни на квалификациите, но во трките никој не може со нив“, вели Расел.

Возачот на Ферари, Шарл Леклер, кој немаше среќа откако моторот му откажа додека беше на третото место, се согласува дека Ред бул се доминантни.

„Не знам што се случи, едноставно откажа моторот. Очекувавме да бидеме послаби овој викенд, посебно во трката во споредба со Ред бул, но сега е јасно дека тие момци се од друга планета“, вели Леклер.

Пред Саудиското ГП за две недели, со нив не се согласува шефот на Ред бул, Кристијан Хорнер.

„Имаме 23 трки и тоа е маратон. Треба да се остане постојан цела сезона. Денеска беше добар старт за нас, но очекуваме ривалите да се вратат силни во иднина“, оценува Хорнер.

Scroll to Top