Top Sport

Расел со нетрпение го чека почетокот на новата сезона

Возачот на Мерцедес Џорџ Расел изјави дека во германскиот тим се оптимисти за промените на болидот за претстојната сезона, додавајќи дека е подготвен да се бори за шампионската титула во Формула 1.

„Имаше многу… Не би рекол директни промени од минатата до оваа сезона, тоа се работи што се работеа долго време, работи што не можевме да ги ставиме на болидот во 2024 година, но работевме на нив долго време. Оптимисти сме дека тоа ќе биде добар чекор во вистинската насока. Се разбира, никогаш не знаеш што направили твоите ривали“, рече Расел.

По освоените осум последователни титули во шампионатот за конструктори, Мерцедес се мачеше од воведувањето на новите правила во 2022 година, победувајќи само на една трка таа сезона, а 2023 тимот ја заврши без победа.

Германскиот тим постигна одреден напредок во 2024 година, бидејќи Расел и неговиот тогашен тимски колега Луис Хамилтон забележаа по две победи, но заостанаа речиси 200 поени зад шампионот, Мекларен, заземајќи го четвртото место во поредокот за конструктори.

Расел додаде дека е „апсолутно подготвен“ за титулата во Формула 1, посочувајќи дека неговото време во Мерцедес се совпадна со послабите перформанси на болидот.

„Се чувствувам подготвен, сите во тимот се многу мотивирани. Чувствувам дека овие години беа некој вид на проба и грешки, но секогаш кога имавме шанса да победиме, победувавме. Тоа ми дава оптимизам дека ако го имаме болидот, можеме да го направиме тоа (титулата Ф1)”, изјави 26-годишниот британски возач.

Расел беше побрз од својот тимски колега во две од трите сезони во кои се натпреваруваше заедно со Хамилтон. На крајот на сезоната Хамилтон го напушти Мерцедес по 13 години и се пресели во Ферари, додека нов возач за германскиот тим стана 18-годишниот Италијанец Андреа Кими Антонели.

Мерцедес го најави лансирањето на својот нов автомобил, „W16“, за 24-ти февруари.

Новата сезона во Формула 1, во која возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен ја брани титулата, започнува на 16-ти март со Големата награда на Австралија.

Scroll to Top