Меѓународната автомобилска федерација (ФИА), ги отфрли жалбите на Ред Бул и Ферари за законитоста на предните крила на болидите на Мекларен и Мерцедес. Ред Бул и Ферари изјавија дека предните крила на ривалските болиди биле премногу свиткани и не ги почитувале правилата.
„Сите предни крила во моментов се усогласени со правилата од 2024 година“, соопшти Меѓународната автомобилска федерација (ФИА), пренесе Би-би-си.
ФИА е свесна за загриженоста на тимовите и издаде соопштение како одговор на коментарите дадени по неделната трка во Монца од страна на директорот на Ред Бул, Кристијан Хорнер, тимскиот советник Хелмут Марко и директорот на Ферари, Фредерик Васер.
Хорнер рече дека „правилата се многу јасни и тоа е работа на ФИА“, додека Марко рече дека „треба да се анализираат предните крила на Мекларен и Мерцедес“.
Тие се жалеа откако Мекларен и Мерцедес станаа поконкурентни во последните месеци. Ред Бил и Макс Ферстапен доминираа на почетокот на сезоната и имаа голема предност, но сега Мекларен и Мерцедес се доближуваат до нив и во конкуренција на возачи и во конструктори.
Ферстапен нема победа од трката во Барселона, во јуни и има 62 поени предност пред второпласираниот Ландо Норис од Мекларен. Остануваат уште осум трки и 232 бода во оптек до крајот на сезоната.
Во конкуренција на конструктори, Мекларен заостанува само осум бода зад Ред Бул.
ФИА соопшти дека раководното тело континуирано ја проценува флексибилноста на шасијата, вклучително и новите камери кои се користат од јули и трката за Големата награда на Белгија.
„ФИА има право да воведе нови тестови доколку постои сомневање за неправилности. Нема планови за какви било краткорочни мерки, но ја проценуваме ситуацијата имајќи ги предвид среднорочните и долгорочните мерки“, се додава во соопштението.
„Краткорочната мерка се однесува на оваа сезона, среднорочната до следната година, а долгорочната до 2026 година“, изјави портпаролот на ФИА.
Контроверзноста траеше неколку трки, но експлодираше минатата недела во Монца откако снимката од камерата покажа дека предното крило на Мекларен се витка и осцилира.
Шампионатот во Формула 1 продолжува на 15 септември со Големата награда на Азербејџан.