Тимовите на Ред бул и Мерцедес се задоволни што Светската автомобилистичка федерација (ФИА) најави дека остро ќе го казни Ферари ако открие дека тие нелегално го користат својот ЕРС систем.
На тренингот во четвртокот во Монако на болидите на Ферари имаше дополнителен сензор и посебен софтвер откако ФИА реши да ги истражи тврдењата дека Скудерија го користи системот за поврат на енергија на нелегален начин – пренасочувајќи го сензорот на ФИА за да ги надминат 120 киловати дозволени преку МГУ-К уредот.
Во Ферари официјално не ја коментираат истрагата и обвинувањата, иако италијанските медиуми тврдеа дека се работи за „лов на вештерки“. Ред бул, пак, имаат целосна доверба во ФИА.
„Ние не сме снабдувач за мотори, така што можеби од Мерцедес подобро ќе ги објаснат деталите, но очигледно имаше некои шпекулации за кои се пишуваше. ФИА се компетентни да го измерат тоа, а Ферари мораат да послушаат“, вели шефот на Ред бул, Кристијан Хорнер.
Фото: ЕПА