Во тимот на Ред бул рејсинг се подготвени да почекаат до стартот на следната година за Даниел Рикјардо да одлучи дали ќе останува во нивниот тим уште барем две години.
Шефот на тимот, Кристијан Хорнер, јасно му посочи на Австралиецот дека тие сакаат тој да биде еден од лидерите на тимот покрај Макс Ферстапен, но сфаќа зошто тој би сакал да почека да започне сезоната 2018 пред да прави обврски.
„Следниот потег кој ќе го направи ќе биде на негови 28 години, и тоа е многу важно, така што знам дека му е потребно време да донесе вистинска одлука. Но, тој ги знае нашите намери многу добро, бидејќи јас лично му ги кажав. Го сакаме во тимот. Ако за тоа се потребни уште шест месеци, тогаш нека биде така“, вели Хорнер.
Ред бул има решение дури и Рикјардо да реши по крајот на 2018 да замине во друг тим (Ферари или Мерцедес како најверојатни дестинации). Карлос Саинс Јуниор уште официјално е возач на Ред бул, иако следната година ќе вози за Рено.
„Затоа го оставивме Карлос како позајмен возач, за да си обезбедиме алтернатива“, вели Хорнер.