Top Sport

Ред бул не може да го извлече максимумот од моторот на Хонда!

По првите три дена Ф1 тестирање во Барселона, главната вест, покрај брзината на новото Ферари, е проблемот кој го има тимот на Ред бул со новиот снабдувач на мотори, Хонда.

Шпекулациите велат дека Ред бул не може да го вози моторот со целосна моќ поради вибрациите кои ги предизвикува моторот, а според поранешниот инженер на Мекларен, Марк Пресли, РБ15 вози на најмногу 70 отсто од моќта, поради што Макс Ферстапен и Пјер Гасли имаат проблем да поставуваат побрзи времиња.

Според Пресли, сличен проблем имаа и Мекларен во тригодишното партнерство со Хонда, како и Торо росо минатата година и јапонскиот производител едноставно немал решение за оваа пречка.

Сепак, од тимот велат дека нема вистина во шпекулациите и се целосно задоволни од завршената работа во првите три дена.

„Нема никакви проблеми со вибрацијата досега, и навистина не ми е јасно од каде доаѓаат ваквите глупости. Ред бул технолоџи веќе се запозна со интеграцијата на моторите на Хонда со Торо росо минатата година и имавме многу добра претстава што да очекуваме. Мислам дека направивме најдобра можна интеграција на шасијата и моторот и задоволни сме од оствареното“, изјави шефот на тимот, Кристијан Хорнер.

Фото: ЕПА

Scroll to Top