Во необично интервју, легендарната американска скијачка Линдзи Вон тврди дека ѝ било понудено да вози во Формула 1 од страна на Ред бул рејсинг, но дека таа не сакала да се обврзе поради барањето на австриската компанија да не остане бремена во следните три години.
Вон освои четири титули од Светскиот куп во алпско скијање и беше златна во спуст на Олимпијадата во 2010 година во блескава кариера која ја прекрати поради низа повреди. Сега во интервју со Греем Бенсингер, таа вели дека откако тестирала Формула 3.5 болид на Ред бул во Шпилберг во 2016 добила понуда да вози во Формула 1.
„Беше фантастично, но имав тенденција да одам пресилно во кривините. Не смеев да го уништам болидот кој чинеше милиони долари. Дури размислувам да отидам во Формула 1 и да бидам тркач. Но, не можев, бидејќи тие бараа да се посветам на три години, да не останам бремена, да не правам други работи. Не сакав да го направам тоа, а тие бараа целосна посветеност. Тие ми кажаа дека ако не успеам во Формула 1 ќе ми дадат да возам во НАСКАР. Парите се луди! Еден Формула 1 возач добива пари колку што во скијањето има за цела сезона. Сигурно Луис Хамилтон заработува повеќе пари од сите скијачи на светот“, открива Вон.