Шефот на Ред бул, Кристијан Хорнер вели дека од тимот на Мерцедес се врши голем притисок до Пирели да се користат специјалните потенки гуми до крајот на сезоната.
Италијанскиот снабдувач на пневматици во Ф1, Пирели беа на удар на критиките на стартот на сезоната кога објавија дека на одредени трки ќе се користат потенките гуми, откако во текот на зимското тестирање имаше прегревање на обичните гуми, кое беше најзабележително на В09 болидот на Мерцедес.
Новите гуми беа одредени за посебните асфалтни подлоги во Барселона, Пол Рикар и Силверстоун, по што Мерцедес доминираа во Шпанија и Франција, и сега се на пол-позицијата за Британското ГП.
„Оваа нова конструкција на пневматиците е за патеките каде што има нов асфалт и тоа на Мерцедес им одговараше многу, многу добро. Победија во Барселона и Пол Рикар без проблеми и затоа е јасно зошто шефот Тото Волф врши агресивна кампања за гумите да останат такви до крајот на сезоната“, изјави Хорнер пред Британското ГП.
Фото: ЕПА