Top Sport

Швајцарија на „два ума“ околу бинационалните фудбалери

Генералниот секретар на Швајцарската фудбалска федерација (АСФ), Алекс Мишер предизвика дискусија во алпската земја откако најави дека во националниот дрес не треба да играат „двонационалните“ фудбалери.

Швајцарија е една од европските земји со најголем број на имигранти кои живеат во неа, а тоа посебно се отсликува на националниот фудбалски тим во кој играат фудбалери со потекло од Косово или Албанија (Џердан Шаќири, Гранит Џака, Блерим Џемаили, Ваљон Бехрами), од Хрватска (Јосип Дрмиќ, Марио Гаврановиќ), од Босна и Херцеговина (Харис Сеферовиќ), од Камерун (Брил Емболо), од Брегот на Слоновата Коска (Јохан Џуру), од Шпанија (Рикардо Родригез)…

Мишер по контроверзното славје на Џака и Шаќири против Србија, вели дека треба да се размисли кој игра за националниот дрес.

„Не само што двојните државјанства ни прават проблеми во фудбалот, туку и во другите сфери на нашето општество. Се прашувам дали можеби Швајцарија треба да постави некои граници и критериуми. Да претпоставиме на следното СП во Катар во 2022 година да се квалификува Босна и Херцеговина, Хрватска или Албанија. На многу од нив веќе им направивме готови играчи, и тоа мора да престане“, вели Мишер.

Иван Ракитиќ (Хрватска) е роден во Швајцарија и таму научил да игра фудбал, исто како и Изет Хајровиќ (Босна и Херцеговина) и Таулант Џака (Албанија).

Од АСФ реагираа на интервјуто на Мишер, обидувајќи се да го релативизираат тоа што тој го кажа.

„АСФ продолжува да се залага за интеграција во општеството и фудбалот. Жалиме што ова интервју дава впечаток дека ние ги дискриминираме бинационалните фудбалери. Нашите репрезентативци дадоа максимум за нашата земја. Прашањата се, како да ги заштитиме подобро нашите фудбалери од надворешни влијанија како тие во мечот со Србија и како да осигураме фудбалерите чие финансирање и тренинзи го плативме ние да го носат швајцарскиот дрес? Ова се теми кои не се нови и за кои размислуваме подолго време. Сакаме да осигураме дека фудбалерите кои ќе се борат за нашиот тим на 22 години да не изберат друга репрезентација на штета на Швајцарија“, се вели во соопштението на АСФ.

Scroll to Top