Тимот на Ред Бул, кој оваа сезона ја освои конструкторската титула во Формула 1, денеска се огласи по повод случувањата во текот и по завршувањето на трката за Големата награда на Бразил. Во тимсктоо соопштение, Ред Бул, вели дека Макс Ферстапен е „отворен и чесен тимски играч“.
Голема прашина се крена во Бразил, откако Ферстапен одби да ја изврши тимската наредба и да му ја препушти шестата позиција на колегата Серхио Перез.
„Ги кажав моите причини и стојам зад нив“, му кажа по трката во радио пораката Ферстапен на својот инженер.
Разочараниот Перез по трката изјави дека Ферстапен покажал каков човек е и дека Холанѓанецот со негова помош освоил две светски титули.
Австрискиот тим преку соопштение истакна дека направиле грешки во Бразил.
„Не ја предвидовме ситуацијата што се случи во последниот круг и не договоривме стратегија за такво сценарио пред трката. За жал, Макс беше информиран дури во последниот свиок за барањето да ја препушти позицијата, без претходно да му бидат пренесени сите информации. Тоа му остави малку време на Макс да реагира и го стави во компромитирачка ситуација, то не беше наша намера. Макс секогаш бил отворен и тимски играч“, се вели во соопштението.
Ред Бул додаде дека ја прифаќа „гледната точка на Макс“ за инцидентот и ги осуди навредливите коментари на социјалните мрежи насочени кон двајцата возачи, членовите на нивните семејства и тимот.
„Смртни закани, навредливи мејлови, гнев кон членовите на поширокото семејство се жалосни. Ја цениме вклученоста и сакаме безбеден простор за сите да работат и да уживаат во нашиот спорт. Злоупотребата треба да престане“, се додава во соопштението.
Ферстапен претходно ја одбрани титулата и е на првото место со 429 бодови пред крајот на сезпната. Второто место го зазема Шарл Леклер од Ферари со 290 бодови, а ист учинок има и Перез на третото место.
Токму борбата за второто место во шампионатот беше причина Ред Бул да побара од Холанѓанецот да го пушти Перес.
Шампионатот завршува в недела со трката за Големата награда на Абу Даби која ќе започне во 14 часот.