Top Sport

Рејсинг поинт казнети со 15 поени и 400.000 евра!

ФИА го поддржа протестот на Рено околу сопирачките на „розевиот Мерцедес“ на Рејсинг поинт, и одлучи да го казни тимот со 400.000 евра и со одземање на 15 поени во генерален пласман на конструктори.

Во долга објава ФИА потврди дека стјуардите заклучиле дека дизајнот на сопирачките на Рејсинг поинт ги прекршува правилата на ФИА, бидејќи главен дизајнер на сопирачките биле Мерцедес. Поради ова, тимот ќе загуби по 7.5 поени кај конструктори за двата болиди на Штаерското ГП во Австрија и ќе добие предупредување за користењето на сопирачките на Унгарското ГП и Британското ГП.

ФИА ги отфрла аргументите на Рејсинг поинт дека сами ги дизајнирале сопирачките, откривајќи дека тие добиле сет од сопирачките на Мерцедес од 2019 уште на 9 јанауари, и иако сами ги развивале, дизајнот не може да се смета како нивни. И покрај оваа казна, ФИА не очекува Рејсинг поинт да ги редизајнира сопирачките во овој дел од сезоната, односно ќе им биде дозволено да ги користат до крајот на сезоната.

Ова е епилог на долгата сага околу таканаречениот „розев Мерцедес“, откако Рејсинг поинт влезе во соработка со Мерцедес и нивниот болид за оваа година според многумина е директна копија на минатогодишниот шампионски болид на Мерцедес.

Шефот на Рејсинг поинт, Отмар Шафнауер, вели дека тимот е невин бидејќи добил дозвола од ФИА да ги користи сопирачките пред стартот на сезоната и додаде дека ќе бара дополнително објаснување.

„Навистина е разочараувачки бидејќи ФИА сама одлучи дека ги почитуваме правилата на стартот на сезоната и не направивме ништо погрешно. Ги поканивме ФИА во март да го разгледаат нашиот болид и тие ги имаа сите планови. Тие потоа ни дадоа зелено светло. Мислам дека нивната одлука е двосмислена“, вели Шафнауер.

Scroll to Top