Top Sport

Рено ќе чека на Ред бул до мај

Шефот на Рено, Сирил Абитебул вели дека им дава на Ред бул рејсинг краен рок до мај да направат одлука за тоа кои мотори ќе ги користат следната година, според правилата и регулативите на ФИА.

Договорот на Ред бул со Рено завршува на крајот на сезоната, така што австрискиот тим ќе следи каква е формата на нивниот сестрински тим Торо росо со новиот снабдувач Хонда, пред да донесат одлука. Ако Ред бул решат да си заминат од Рено, компанија со која ги освоија четирите титули во низа, Рено ќе има само еден тим за снабдување покрај својот – Мекларен.

„Сите опциии се отворени за нас. Ќе видиме како ќе се развиваат работите, но немаме предвремена одлука“, вели шефот на Ред бул, Кристијан Хорнер.

Меѓутоа, Абитебул вели дека Рено не планира да чека долго, туку само колку што одредуваат правилата на ФИА.

„Нема да чекаме засекогаш, тоа е сигурно. Знам што мисли Кристијан кога вели дека имаат опции. Има право. Како него и јас ги читам договорите и ги знам обврските кои ги имаме кон спортот. Затоа ќе има краен рок Ред бул рејсинг да се реши што сака да прави во иднината. До крајот на мај мораме да имаме целосно јасна слика“, додава Абитебул.

Scroll to Top