И британскиот „Би-би-си“ тврди дека договорот на Карлос Саинс Јуниор со Ферари е само формалност, додавајќи дека Даниел Рикардо ќе го преземе местото на шпанскиот возач во Мекларен, со што на Фетел би му останала опција да вози за Рено или да замине во пензија.
Италијанските извори тврдеа дека самиот Фетел ги „натерал“ Ферари бргу да го потврдат неговото заминување од тимот по 2020 година, за да може да се утврди иднината на повеќе возачи во шампионатот со домино-ефектот.
Ферари во Саинс гледале во моментов како на возач за поддршка на Шарл Леклер, слично како што прави Валтери Ботас на Луис Хамилтон во Мерцедес – доволно брз да биде блиску до него, но не и тимски лидер. Сепак, младиот Шпанец, кој возеше за Торо росо и Рено пред лани да направи трансфер во Мекларен, сигурно ќе гледа во трансферот шанса да ги покаже своите квалитети.
За Мекларен пак, ова е одлична вест, бидејќи Австралиецот Рикардо е докажан возач кој ќе гледа шанса за посилен тим по разочарувачката сезона со Рено. Со неговото заминување, пак, во Рено се отвара можност да му дадат понуда на Фетел, но и на сега пензионираниот двократен шампион со тимот, Фернандо Алонсо.
Најголема енигма е иднината на Фетел, откако повеќе германски извори посочија дека тој веќе го планира животот надвор од Ф1.