Top Sport

Рикјардо: Болидите се прешироки за претекнување

Возачот на Ред бул рејсинг, Даниел Рикјардо вели дека ширината на модерните Ф1 болиди го прави претекнувањето многу потешко.

По воведувањето на новите аеродинамички правила во 2017 година се очекуваше намалување на претекнувањето, најмногу поради воздушните „тунели“ кои се прават зад болидите, а првата трка во Мелбурн оваа сезона донесе само пет претекнувања по првиот круг на патеката. Рикјардо вели дека ширината го прави претекнувањето многу тешко.

„Сега, со широки гуми и широки болиди, една машина зазема многу место на патеката. Тешко е да се најде чист воздух пред тебе. Доаѓа до момент кога мислам дека на некои патеки нема да имаме добро тркање поради тоа. Лично за мене, потесните болиди беа супер, бидејќи беа како мотоцикли – секогаш имаше место за претекнување“, вели Рикјардо за „Аутоспорт“.

За Австралиецот најдобар болид со кој се тркал била верзијата во 2014 година – болиди со помала надолна сила какви што се користеа од 2009 до 2016 година.

„Да, сега сме многу побрзи, но обичниот гледач нема да ја забележи разликата. Тркањето затоа можевте да го следите и да гледате претекнувања. 2014 беше најдобра“, додава Рикјардо.

Фото: ЕПА

Scroll to Top