Даниел Рикјардо е победник за Ред бул на Кинеското ГП, по една од најинтересните трки во последните пет-шест години во Формула 1, во која конечно имавме израмнета борба на три тима со многу претекнувања, инциденти и пресврти.
До шестата победа во кариерата Рикјардо стигна во фантастичниот втор дел од трката кога покажа дека Ред бул има одличен болид оваа година, поминувајќи ги со леснотија болидите на Ферари и Мерцедес. Австралиецот, кој уште го нема продолжено договорот со Ред бул за 2019, одлучувачкиот потег го направи на 10 круга пред крајот кога го помина Валтери Ботас во Мерцедес, кој стана лидер по подобрата стратегија со влегување во боксот во дуелот со Себастијан Фетел.
LAP 46/56: @danielricciardo TAKES THE LEAD! #ChineseGP ?? #F1 pic.twitter.com/cupKVZ3k56
— Formula 1 (@F1) April 15, 2018
Второто место го освои Ботас, а „честа“ на Ферари ја спаси Кими Раиконен со неочекувано трето место по судирот меѓу неговиот колега и освојувач на пол-позицијата Себастијан Фетел и „лудиот“ Макс Ферстапен, за кој Холанѓанецот беше казнет.
Ферстапен на крајот го освои четвртото место во трката, но по казната од 10 секунди завршува на петтото место зад шампионот Луис Хамилтон, додека во поени беа и Нико Хулкенберг во Рено, Фернандо Алонсо во Мекларен, Фетел на осмото место, Карлос Саинс Јуниор во второто Рено и Кевин Магнусен во Хас.
Фетел водеше од стартот и направи разлика од три секунди пред Ботас, по што Мерцедес го внесоа во боксот во 19-тиот круг. Ферари реагираа еден круг подоцна, но тоа беше грешка и Ботас го презеде водството.
Ботас и Фетел се бореа за водството во првата половина од трката, но одлуката на Ред бул да ги внесе Рикјардо и Ферстапен во боксот за свежи „меки“ гуми по излегувањето на безбедносното возило поради судирот на колегите од Торо росо, ја „сврте“ трката.
Додека ривалите беа на „средни“ гуми, Рикјардо во низа ги помина Ферстапен, Луис Хамилтон и Фетел, пред на шестата кривина да го „суреди“ и Валтери Ботас, кој до крајот на трката мораше да го брани второто место од Раиконен.
Verstappen is a joke, tired of he’s young etc. He is a professional F1 driver he knows the rules. He had a collision last weekend at #BahrainGP and does this at #ChineseGP ? pic.twitter.com/GVdkLrho1O
— Rambo (@WelshRamsey) April 15, 2018
Ферстапен од друга страна го „фати“ Фетел во 43. круг и се обиде да го претекне во кривината, и го удри возачот на Ферари и двајцата се извртеа. За ова тој доби казна од 10 секунди, но не застана и до крајот на трката го претекна и Хамилтон.
Фетел се мачеше по судирот и падна на осмото место откако Нико Хилкенберг и Фернадо Алонсо лесно го поминаа.
По три трки од сезоната, се наѕира крајот на доминацијата на Мерцедес, кои очигледно ќе имаат вистински ривали во Ред бул и во Ферари оваа сезона. Фетел останува лидер во генерален пласман со 54 поени, девет повеќе од Хамилтон, Ботас е трет со 40 поени, Рикјардо сега е четврти со 37 поени, додека Раиконен е петти со 30 поени.
INITIAL CLASSIFICATION (END OF RACE): Best #ChineseGP ever? #F1 pic.twitter.com/swi6LQExwh
— Formula 1 (@F1) April 15, 2018