Даниел Рикјардо можеби не брза да потпише нов договор со Ред бул, најавувајќи дека ќе почека до зимското тестирање во февруари, но тоа не значи дека ќе потпише договор со Ферари во 2019, бидејќи не е сигурен дека тоа ќе му се допадне на Себастијан Фетел.
Ред бул веќе го обврзаа Макс Ферстапен на долгогодишен договор, додека Рикјардо реши да си ги „процени“ шансите. Во интервју за бразилскиот „О глобо“, тој беше запрашан дали ќе биде повторно колега со Фетел.
„Не сум сигурен дека ќе ме сака. Не знам дали има моќ да кажува кој ќе вози во тимот, но нема ниту да размислувам за тоа. Јас имам моќ да возач на високо ниво и тоа ќе ми ја одреди судбината“, вели Рикјардо.
Рикјардо и Фетел беа колеги во Ред бул во 2014 година, кога Германецот беше актуелен четирикратен шампион, а Австралиецот дојде од Торо росо како замена за пензионираниот Марк Вебер. Тоа беше прва сезона на новите В6 турбо-хибридни мотори и Фетел и Ред бул не се снајдоа најдобро почнувајќи ја доминацијата на Мерцедес. Рикјардо победи трипати, а Фетел ниту еднаш и беше само петти во генерален пласман. Во 2015 година, Фетел замина за Ферари.