Даниел Рикјардо ги отфрли шпекулациите дека има пред-договор со тимот на Ферари и инсистира дека разговарал само со својот сегашен тим Ред бул за својата иднина.
Австралиецот победи на третата трка од новата сезона во Кина, по што се најде во центарот на шпекулациите околу неговата иднина, бидејќи Ферари и Мерцедес имаат слободни места за 2019 година.
Италијанските медиуми јасно им порачаа на Ферари да го донесат Рикјардо како замена за Кими Раиконен, но Рикјардо вели дека ништо од тоа не е вистина.
„Можам само да потврдам дека ништо од тие шпекулации не е вистинито и дека разговарав само со Ред бул. И минатата година бев отворен околу мојата иднина и секогаш сум бил искрен со Ред бул. Свесен сум дека се пишуваат многу работи, но ништо од тоа не е вистина, барем засега“, вели Рикјардо во Баку, каде што овој викенд се вози Азербејџанското ГП.
Рикјардо посочува дека во 2019 сака да биде во болид со кој ќе може да освојува титули, а по извештаите дека Ферари се фокусирани само на Себастијан Фетел, тој јасно порачува дека нема да биде „втор возач“ во ниту еден тим.
„Не би заминал некаде каде што би чувствувал дека нема шанса. Кога некој кажува: ’ќе те пуштиме, но не смееш да го правиш тоа’, тоа за мене не е атрактивна опција. Дали се случува тоа некаде? Не знам. Во Ред бул секогаш биле јасни околу тоа од 2014 и би очекувал таква атмосфера и на друго место“, додава Рикјардо.
Фото: ЕПА