Top Sport

Рикјардо треба да го победи Ферстапен и да не мисли на договорот

Даниел Рикјардо треба да има јасен фокус пред новата Формула 1 сезона и тоа е да го победи клупскиот колега, а не да се „секира“ за тоа во кој тим ќе вози во 2019 година, вели поранешната ѕвезда на Ред бул, Марк Вебер.

Рикјардо намерно го одложи продолжувањето на договорот со Ред бул, кој завршува на крајот на 2018, со можност за трансфер во Мерцедес или Ферари за 2019 година. Рикјардо признава дека има притисок да ја одреди иднината, но неговиот австралиски сонародник, Марк Вебер вели дека треба да внимава само на опасниот Макс Ферстапен.

„Најдоброто нешто што може да го направи е да биде подобар од Макс. Не верувам дека Мерцедес ќе брзаат со одлука, бидејќи ќе внимаваат на Валтери Ботас најверојатно до средината на сезоната. Сите ќе забележат што ќе се случи. Но, ако го победи Макс, а Ред бул повторно ‘лета’, зошто би заминувал?“, вели Вебер.

Самиот Вебер имаше лута битка со Себастијан Фетел во текот на неговата кариера, но вели дека тоа не може да се повтори со Рикјардо, бидејќи тој е дел од „школата“ на Ред бул и има поддршка од Хелмут Марко.

„Ред бул ќе бидат зад човекот кој ќе биде лидер во шампионатот и ќе ја завршува работата. Ако тоа е Даниел, тогаш нема да има проблем. Хелмут нема да биде разочаран да го види Даниел како светски шампион, иако го сака Макс. Тие двајца се неговите омилени момци“, вели Вебер.

Scroll to Top