Top Sport

Роси признава: Маркез ќе ги сруши сите мои рекорди

Мото ГП легендата Валентино Роси признава дека сите негови рекорди во спортот се во опасност од Марк Маркез, доколку шпанскиот ас на Хонда продолжи со сегашната форма.

Маркез на Тајландското ГП стигна до својата седма победа оваа сезона и 42. откако дојде во елитната класа во 2013 година и е многу блиску до петта титула во Мото ГП, со 77 поени предност пред Андреа Довициозо, што значи дека може да стане шампион во Мотеги ако возачот на Дукати не освои барем два поени повеќе од него.

Со само 25 години, Маркез е на добар пат да го сруши рекордот на Роси од 89 победа во најсилната класа, како и неговиот скор од седум титули во оваа класа, со што Италијанецот е втор зад осумте на сонародникот Џакомо Агостини.

Роси, кој имаше неколку неславни несогласувања со Маркез во текот на годините, вели дека не е проблем што тој ќе ги надмине неговите остварувања.

„Маркез може да ги сруши сите мои рекорди, но тоа не ми пречи. Мораш да мислиш на својата кариера и мислам дека имав навистина добри трки. Победив на многу трки и можев да освојам уште титули. Најголемиот жал останува за губењето на шампионатот во 2006 во Валенсија кога направив глупава грешка“, вели Роси.

Петкратниот 500сс шампион, Мик Дуан, кој со 54 победи е на третото место на вечната листа, верува дека Маркез ќе биде апсолутен рекордер.

„Тој има огромен талент, и неверојатно е како постојано победува, освојува пол-позиции и титули. Не верувам дека ќе запре на пет. Има само 25 години и може да победува барем уште 10 години“, вели Дуан.

Фото: ЕПА

Scroll to Top