Поранешниот светски шампион во Ф1, Нико Розберг вели дека постојат знаци дека неговиот поранешен колега од Мерцедес, Луис Хамилтон полека размислува за ставање на крај на својата блескава кариера.
Лани, Розберг неочекувано се пензионираше само пет дена откако го победи Хамилтон за титулата, и сега Германецот гледа слични сигнали и кај Хамилтон.
„Тој веќе најави дека не сака да патува толку многу. Не би го кажал тоа доколку не размислува за повлекување. Барем малку“, вели Розберг во интервју за германската новинска агенција „ДПА“.
Меѓутоа, од друга страна, од Мерцедес потврдија дека почнаа преговори за продолжување на договорот на четирикратниот шампион и по 2018 година.
„Тој е важен дел од тимот, и се развиваше како возач заедно со нашиот тим. Се надевам дека ќе остане уште долго време“, вели шефот на тимот, Тото Волф.