Поранешниот Ф1 шампион, Нико Розберг смета дека Карлос Саинс Јуниор мора да го крене своето ниво ако сака да биде конкурент за светската титула, додавајќи дека во моментов не е „дораснат“ за борба со Макс Ферстапен.
Иако има еден од најбрзите болиди во овогодишниот шампионат, Саинс Јуниор е само петти во генерален пласман со 102 поени по пет подиуми, но ниту една победа во девет трки. Тој има 24 поени зад колегата Шарл Леклер на четвртото место и дури 73 поени зад Макс Ферстапен во Ред бул. На последната трка во Канада, тој беше блиску до победа, но не успеа да го помине Ферстапен и покрај тоа што имаше „посвежи“ гуми во финишот на трката.
„Саинс има доволно квалитет да биде добар, пристоен возач со Ферари, но во моментов не е дораснат да биде светски шампион. Леклер според перформансите го победува на секоја трка оваа година и затоа мора да најде начин да го крене нивото. Ситуацијата е малку изненадувачка по минатата сезона, но сега болидот е поинаков така што можеби му е потребно време да се навикне“, вели Розберг.
Саинс минатата година направи трансфер од Мекларен во Ферари и заврши како петти во генерален пласман, пред Леклер и својот поранешен колега од Мекларен, Лендо Норис.