Карлос Саинс Јуниор вели дека не жали за одлуката од следната година да вози за Ферари и покрај катастрофалната форма на италијанскиот тим во 2020.
Возачот на Мекларен, Саинс уште во мај беше потврден како замена за Себастијан Фетел во следните две сезони, каде што ќе биде партнер на Шарл Леклер. Меѓутоа, Ферари оваа сезона имаат крајно неконкурентен болид и пред првата од трите домашни трки е на петтото место во генерален пласман, додека Мекларен се трети.
Саинс, пред трката во Монца вели дека не жали за ништо.
„Дефинитивно не. Сосема сум задоволен од одлуката која ја направив. Имам стоотстотна доверба во Ферари и во луѓето кои сметаат на иднината. Да се потсетиме дека лани имаа толку многу пол-позиции и дека се работи за тим кој знае да гради силни болиди. Мислам дека не е лошо време да се оди во Ферари, а како секој Ф1 возач, знам колку посебно место е Ферари. Ако ми дадете уште 100 пати да бирам, повторно ќе кажам да“, вели Саинс.