Валентино Роси од наредната година ќе вози за Петронас Јамаха, тврди италијанскиот „GPOne“.
„Докторот“ на крајот од сезоната ќе остане без договор со фабричкиот тим на Јамаха откаде му ветиле целосна поддршка доколку сака да ја продолжи кариерата. Веднаш се појави опцијата тој да се пресели во Петронас Јамаха. Во овој тим чуваа едно место за деветкратниот светски првак.
На овој начин ќе дојде до размена на возачи помеѓу фабричкиот и приватниот тим. Фабио Квартараро ќе се пресели од наредната сезона во јамаха, а Роси ќе дојде во Петронас на неговото место.
„GPOne“ објави дека Роси со Петронас Јамаха договорил соработка за наредната сезона со опција таа да биде продолжена и на 2022 година. За да биде официјализиран договорот останале да се договорат уште некои ситини детали.
Во Петронас Роси ќе вози со сонародникот Франко Морбидели.