Top Sport

Се јави и „докторот“ Роси: Прво да помогнеме на Италија, потоа ќе видиме за мојата иднина

Деветкратниот шампион Валентино Роси вели дека во моментов стои на располагање на неговите сонародници додавајќи дека нема да направи одлука за својата иднина додека не почне Мото ГП сезоната.

41-годишниот Роси е во изолација во својот дом во Тавулија и зборувајќи со „Скај спорт Италија“ признава дека делови од Италија се „воена зона“ по над 4.000 починати од корона вирусот. Роси се приклучи на кампањата преку социјалните мрежи за социјално дистанцирање и неговиот тим собира пари за локалните болници.

„Тука во Тавулија ситуацијата е тешка, за жал многу луѓе се болни и тука и во Песаро. Мораме да почекаме да помине моментот. Сега сите навиваме за луѓето во Бергамо и Бреша, од каде доаѓаат видеа како во воена зона. Имам многу пријатели таму и сега јас навивам за нив, откако во минатото тие навиваа за мене“, вели Роси.

„Докторот“ веќе потврди дека од 2021 година ќе се повлече од фабричкиот тим на Јамаха, каде што ќе го замени Французинот Фабио Квартараро, но тој уште не донел одлука за тоа дали ќе ја продолжи блескавата кариера.

„Откажувањето на стартот на сезоната направи хаос во моите планови и не знаеме кога ќе продолжиме. Се надевав дека ќе можам да донесам одлука во првиот дел од сезоната, но сега тоа не е најважното. Би сакал да имам неколку трки за да ја дознаам мојата конкурентност. Што правам дома? Имам вежбална, тренирам и останувам фит. Гледам многу филмови и ТВ со Франческа и играме на компјутер“, вели Роси.

Scroll to Top