Top Sport

Се вратија „сребрените стрели“ – Мерцедес го претстави „W13 E Performance“

Мерцедес го претстави болидот „W13 E Performance“, со кој ќе ја брани конструкторската титула во Формула 1. На промоцијата на болидот беа возачите Луис Хамилтон и Џорџ Расел.

Болидот е направен според новите технички правила. Од оваа сезона Мерцедес решија да ја вратат сребрената боја на болидите.

Мерцедес ќе се обиде во новата сезона, да ја продолжи доминацијата меѓу конструкторите, а седумкратниот шампион, Хамилтон се надева дека ќе ја врати шампионската титула во конкуренција на возачите.

И покрај тоа што се шпекулираше дека Хамилтон ќе ја заврши кариерата, тој беше на денешната промоција.

„Никогаш не кажав дека ќе се откажам. Си ја сакам мојата работа, сакам да бидам дел од овој извонреден тим. Ми беше тешко, морав малку да се тргнам на страна и да бидам со семејството. Решив повторно да ја нападнам титулата“, рекол Хамилтон.

Хамилтон и Расел, денес во Силверстон ќе го возат новиот болид. Двајцата ќе возат по 100 километри.

Новата сезона во Формула 1 ќе започне на 20.март во Бахреин.

Scroll to Top