Top Sport

„SF-23“ – Новиот болид на Ферари

Италијанскиот тим на Ферари го претстави болидот „SF-23“ со кој ќе се натпреварува во претстојната сезона од шампионатот во Формула 1.
Презентација беше организирана во нивната база во Маранело, а некои од љубителите на мотоспортот отидоа дотаму што кажаа дека ова е најдобрата презентација на автомобил во историјата.

Новиот автомобил најпрво беше развиен под името на проектот „675“, а потоа доби ново име, со што ја продолжи традицијата од 2015 година.

Иако имаше промени на врвот на Ферари, со заминувањето на Матијас Биното, возачи во следната сезона ќе бидат Шарл Леклер и Карлос Саинц. Леклер ја доби честа прв официјално да седне во новиот болид.

Болидот ги комбинира црвено-црните бои распоредени на сличен начин како во минатата сезона, а она што им привлече внимание на сите е името на тимот испишано на задното крило.

Биното беше заменет како прв човек на тимот од Фредерик Васер, кој ја извршуваше таа функција во тимот на Алфа Ромео (Заубер).

„Чувствувам дека сите се горди на сработеното и тоа е многу важно за сечија мотивација. Ќе биде долга сезона, но мотивацијата е тука и таа е клучна за настапот“, изјави Васер, а потоа коментираше за времето од приклучување на тимот:

„Беше интензивно, како што можете да замислите. Ја чувствувате одговорноста, тоа е голема чест. На крајот на денот најважно е да успееме и ќе мора да го направиме тоа“.

Тимот ќе има претсезонско тестирање од 23. до 25. февруари во Бахреин. Новата сезона ќе започне на 5. март со Големата награда на Бахреин.

Ферари последен пат ја освои титулата во 2008 година, па 15 години пост секако е премногу за тим со такво реноме. Во тоа време зад воланот беше Кими Раиконен.

Да потсетиме, минатата сезона Леклер заврши на второто место во конкуренција на возачи зад Макс Верстапен, додека Карлос Саинц беше петти.

Scroll to Top