Фернандо Алонсо го преценуваа во Формула 1 и неговата кариера не може да се споредува со таа на Михаел Шумахер, вели поранешниот светски шампион на Ферари, Џоди Шектер.
Алонсо во вторникот потврди дека од 2019 заминува од Формула 1 по четири фрустрирачки сезони со Мекларен, кои не успеаја да му дадат конкурентен болид. Се очекува Мекларен на негово место да донесат уште еден Шпанец, Карлос Саинс Јуниор, а Алонсо да продолжи во Инди Кар серијата во САД.
Алонсо славно ја прекина низата на титули на Шумахер и Ферари во 2005 година, по што добиваше пофалби како еден од „најприродните“ таленти во Ф1. Но, Шектер, последниот шампион на Ферари пред Шумахер, вели дека Алонсо не може да се впишува меѓу великаните.
„Прво што сакам да знам е колку титули некој освоил. Можете да ги цените луѓето и без тоа, но без оправдувања за лоша среќа и лоши болиди. За мене, тој е преценет, а еден од главните проблеми е што ги лути тимовите и сите околу него. Формула 1 е тимски спорт и морате да бидетел лидери“, вели Шектер.
Фелипе Маса, кој неодамна изјави дека Алонсо внесува раздор во тимот, но дека бил на исто ниво со Шумахер, според Шектер греши.
„Апсолутно не! Шумахер е најдобриот на сите времиња, а Алонсо не е во таа категорија. Не велам дека е лош возач, тој е на врвот, но не се споредува со легенда како Шумахер“, додава Шектер.