Возачот на Дукати, Марк Маркез, го комплетираше совршениот викенд на Големата награда на Јапонија, 16-то коло од сезоната на Мото ГП. По вчерашната победа во спринт трката, Шпанецот претпладнево победи и во главната трка.
Актуелниот шампион, кој минатата година ја обезбеди титулата токму на оваа патека ја забележа шестата победа во сезоната, со малку повеќе од секунда предност пред Хорхе Мартин на Априлија.
На третото скалило на подиумот беше уште еден возач на Априлија, Марко Бецеки, кој беше помалку од секунда зад својот тимски колега, но само 78 илјадити пред Енеа Бастијанини од тимот Tech3. По викендот во Јапонија, Маркез ја намали разликата во генералниот пласман во однос на Мартин на само два бода.
Од почетокот до крајот на трката на патеката „Твин Ринг Мотеги“, борбата за триумфот се сведе на двајца возачи – Мартин и Маркез. Возачот на Априлија го презеде водството на стартот и остана пред бранителот на титулата до 11-тиот круг, кога Маркез изведе маневар што ја реши трката. Постариот од двајцата Шпанци оттогаш успеа да се одвои до безбедна разлика, и иако Мартин бараше шанса да возврати, ја немаше.
Бецеки го освои третото место на стартот и долго време беше осамен, но во последните неколку круга, Енеа Бастијанини од тимот Teh3 почна да врши притисок. Иако Бастијанини постојано ги поставуваше најбрзите кругови, возачот на Априлија успеа да направи доволно за да ја одбрани својата позиција.
Во рананата фаза од трката, Алекс Маркез од Гресини беше најдобар од останатите, но мораше да отслужи двојна казна за долг круг поради инцидентот што го предизвика во спринтот. Помладиот Маркез беше деветти по казната, но не можеше да стигне до целта, бидејќи излезе од патеката на пет круга до крајот.
Далеку зад возачите кои се бореа за подиумот, возачот на Trackhouse, Раул Фернандез, ја однесе победата во борба со колегата од тимот Аи Огура и Педро Акоста од KTM Racing.
Франческо Бања, вториот возач на Дукати, некако успеа да спаси катастрофален викенд завршувајќи осми, додека Фермин Алдегер од Гресини и Лука Марини од Хонда ги комплетираа првите 10.
Инаку, Големата награда на Јапонија имаше драматичен вовед бидејќи задната мека гума беше целосно повлечена од употреба поради деградирање, а на тимовите им беше предложено да користат „хард“ гумата.
Сите го послушаа тоа и не беа забележани проблеми како оние што ги имаа Банјаја и Мартин за време на спринтот, особено Италијанецот чија задна гума беше целосно уништена.
Овогодинешното првенство во Мото ГП продолжува следната недела со Големата награда на Индонезија.
Foto/ EPA
