Најтрофејниот возач во историјата на Формула 1, Михаел Шумахер, денес наполни 50 години. Шумахер, во 2013 година, се здоби со тешки повреди на главата и оттогаш не е виден во јавноста.
Вчера, семејството на легендарниот Германец, порача дека тој ги имал најдобрите услови за рехабилитација во својот дом на езерото Женева.
„Бидете сигурни дека е во ‘добри раце’. Правиме се што е потребно за да му помогнеме. Ве молиме да разберете дека ги исполнуваме неговите желби и поради тоа едно така чувствително прашање за неговото здравје го чуваме само за нас“, порача вчера семејството на Шумахер.
Директорот на Формула 1, Рос Брон, кој му беше шеф на Шумахер во Ферари, рекол дека има редовна комуникација со сопругата на Шумахер, Корина и дека во целост ги поддржува нејзините одлуки.
„Михаел секогаш ја чувал приватноста, по тој принцип го водеше животот и кариерата. Семејството секогаш се согласуваше со тој негов избор“, рекол Брон.
Денес, семејството ќе објави официјална апликација, Михаел Шумахер, кој претставува виртуелен музеј на сите негови достигнувања.
Михаел Шумахер седум пати бил светски првак, два пати со Бенетон (1994, 1995) и пет пати со Ферари (2000, 2001, 2002, 2003, 2004).
Победил на 91 трка и е рекордер со 18 победи повеќе од Луис Хамилтон. Освоил 68 пол-позиции, рекордот му го собори Хамилтон во 2017 година.
Во 15 сезони, од 1992 до 2006 година, забележал најмалку една победа, што е апсолутен рекорд.
Недостижен е со осум победи на трката за Големата награда на Франција и по седум на трките во Канада и Монте Карло. Во сезоната 2002 година, на сите 17 трки имал место на подиумот.
Официјално замина в пензија во 2006 година, но три години се врати како возач на Мерцедес. Последната трка ја возел во Бразил во 2012 година.