Top Sport

Стјуарт контра Хамилтон: Добар спортист не очекува да стане Сер

Сер Џеки Стјуарт одговори на барањата четирикратниот светски шампион Луис Хамилтон да биде прогласен за витез на Британската империја, инсистирајќи дека „победа на неколку спортски натпреварувања“ не е е доволна да се добие највисоката почест.

„Мислам дека тоа не треба да го очекуваш само бидејќи си добар спортист и си победил на неколку натпреварувања. Причините да станеш Сер се многу поголеми“, вели Стјуарт.

Шкотланѓанецот се пензионираше од Формула 1 на крајот на 1973 година со три светски титули, по што остана голем подржувач на безбедноста на патиштата и беше амбасадор на неколку компании вклучени во Ф1. Тој стана Сер во 2001 година.

„Нејзиното височество кралицата е најголемата жена на светот. Но, тоа не значи дека се чувствував изземен додека не бев витез. Дури сметав дека не го заслужувам тоа. Се надевам дека и Луис се чувствува така. Сега, тој треба да си ги земе трофеите, парите и јавното признание кое доаѓа со успехот и да биде горд со тоа. Но, тоа не го оствари сам. Тука е Рон Денис, кој му даде шанса во Формула 1, а уште не станал витез, а без него немаше да го има Луис. Стирлинг Мос чекаше 40 години по пензионирањето да стасне Сер. Греем Хил не беше витез, ниту Џим Кларк“, вели Стјуарт.

Хамилтон со освојувањето на титулата го помина Стјуарт како најуспешен британски Ф1 возач со четири титули, и се израмни со уште една легенда, Французинот Алан Прост. „Професорот“, како што го нарекуваа Прост, вели дека не треба да се размислува дали Британецот може да дојде до рекордот на Михаел Шумахер од седум светски титули.

„Возачот никогаш нема да даде одговор на такво прашање. Кога имате четири титули и петтата е толку далеку. Живеете трка до трка. Тренинг, квалификации, трка. Не би било добро да се размислува на поинаков начин. Затоа, смешно е да се збори за седум титули“, вели Прост.

Сепак, Прост, кој во својата кариера имаше легендарни битки со трикратниот шампион Аиртон Сена, вели дека Хамилтон е на „друго ниво“.

„Рекордите се тука да се рушат, а Луис сруши неколку досега, како по бројот на пол позиции. Не смееме да ја намалиме вредноста на тоа, но треба да бидеме и реални. Сега има повеќе трки од порано, болидите се постабилни и затоа паѓаат рекордите. Затоа има нереални расправии за успесите на возачите од различните ери. Секој има свое мислење кој е најдобриот“, додава Прост.

Scroll to Top