Top Sport

Стонер: Ќе го победев Маркез!

Австралискиот двократен светски шампион во Мото ГП, Кејси Стонер верува дека ќе го победувал Марк Маркез да одлучеше да остане во шампионатот.

Стонер, кој според многумина беше еден од најталентираните возачи во историјата на шампионатот на две тркала, се повлече на крајот на 2012 на само 27 години, а токму Маркез му го презеде местото во фабричкиот тим на Хонда.

Маркез потоа дојде до првата титула во 2013 година, додавајќи ги трофеите во 2014 и 2016 и е голем фаворит овој викенд на последната трка од сезоната во Валенсија, да стигне и до четврта титула. Стонер не е импресиониран.

„Луѓето секогаш ме прашуваат дали би можел да го победам Маркез, и многу фактори покажуваат дека би можел. Победував против Хорхе Лоренцо, Валентино Роси, Андреа Довициозо, а тоа се возачи кои го победуваа Маркез. Затоа, не гледам причина зошто не би можел и јас да го направам тоа“, вели Стонер во интервју за „Газета дело спорт“.

Стонер се врати во тимот на Дукати на почетокот на 2016 како тест-возач за италијанскиот производител, но ја отфрли можноста да се трка на Австриското ГП со вајлд-карта. Тој вели дека е среќен во пензија.
„Сега сум тест-возач и некој кој е многу среќен со својот живот. Пресреќен што не морам да го издржувам притисокот на тркањето. Уживам со моето семејство и секогаш си наоѓам работа. Не ми е досадно. Никогаш не сум жалел за минатото. Почнав да се тркам на четири години и имав подолга кариера отколку што многумина сметаа“, вели 32-годишниот Стонер.

 

Scroll to Top