Top Sport

Строл: Зошто не Хамилтон во Астон Мартин во борба за титула во 2022?

Газдата на Астон Мартин, канадскиот милијардер Лоренс Строл признава дека е на „искушение“ да се обиде да го донесе седумкратниот Ф1 шампион, Луис Хамилтон во тимот следната сезона.

Името Астон Мартин се враќа во Формула 1 по 61 години оваа сезона, откако Строл го купи британскиот производител на ексклузивни автомобили, а и тимот на Рејсинг поинт, и го донесе Себастијан Фетел од Ферари како партнер на неговиот син, возачот Ленс Строл.

Сега, откако Мерцедес му дадоа само едногодишен договор на Хамилтон, тој е слободен во 2022 да замине во друг тим и Строл вели дека шансата може да биде предобра да се пропушти.

„Дефинитивно сум на искушение. Луис во било кој болид ќебиде одличен и сигурен сум дека секој тим би се согласил да има во тимот седумкратен шампион. Но, засега, се фокусирам на стартувањето на новата сезона, а потоа ќе видиме“, вели Строл.

Строл го презеде тимот кој порано се викаше Форс Индија во средината на сезоната 2018, и како Рејсинг Поинт минатата сезона завршија на четвртото место во генерален пласман. Тој се надева дека со воведувањето на ограничен буџет, ќе има поизрамнета борба меѓу Ф1 тимовите.

„Од конкурентна гледна точка, со ограничување на буџетот спортот ќе се смени драматично. Големите три тима, Ферари, Мерцедес и Ред бул трошеа многу повеќе од другите тимови и имаа 400-500 повеќе вработени од нас. Сега, тоа ќе го нема. Овој тим удираше посилно од своите ресурси и верувам дека со ист број на вработени и ист буџет, можеме да се бориме и за титула. Тоа е реално да се очекува“, вели Строл.

Scroll to Top