Top Sport

Фјури: Ја лижев крвта на Вајлдер како вампир!

Тајсон Фјури вели дека лижел од крвта од ривалот Дионтеј Вајлдер при римечот кој го доби убедливо за да почувствува „каков вкус има пленот“, по што отфрли можност за трет меч со Американецот.

Фјури го нокаутираше „Бронзениот бомбардер“ во седмата рунда во Лас Вегас пред 12 месеци, освојувајќи ја ВБЦ титулата во тешка категорија, а еден од многу интересни детали од тој меч беше лижењето на неговата крв од вратот на Вајлдер.

„Како вампир! Во интервјуто пред мечот кажав дека овојпат сакам да ја вкусам крвта на Дионтеј Вајлдер. Имав можност да го направам тоа во шестата рунда, така што морав да ја вкусам крвта за да знам каков вкус има мојот плен. Се чувствував како ловец таа вечер, како да бев лав, а тој газела. Голема газела. И го соборив и тоа беше крај. Животинскиот инстинкт работи во боксерскиот ринг – или ти или тој“, открива Фјури.

Поголемиот дел од 2020 Фјури ја помина во преговори за трет меч со Вајлдер и со бизарните објаснувања на Американецот за поразот – од тешката опрема со која влегол во рингот, до мамење на Фјури со ракавиците, преку ставање „нешто“ во неговата вода.

„За мене тоа поглавје е готово. Го победив двапати. Вторпат го распарчив, не беше воопшто дуел. Имаше цела година да организира меч и јас седум пати се согласив, но ништо не се реализираше. Сега договорот е завршен, така што нема да има меч со Вајлдер. Исто така, мислам дека тој го загуби умот, се мачи во моментов, психички и емоционално. Јас сум бил таму, на исто место, кога имав проблем со кокаинот. Ќотекот што го изеде очигледно имаше ментално влијание на него“, додава „Џипси Кинг“.

Scroll to Top