Челниците на Формула 1 и јапонските власти в петок ќе ја донесат одлуката околу одржувањето на квалификациите за трката за Големата награда на Јапонија.
Загриженоста ја предизвика тајфунот Хагибис, поради што се очекуваат силни ветрови и обилни врнежи од дожд.
Според метеоролошките прогнози тајфунот в сабота ќе го погоди јужниот брег на островот Хоншу, каде се наоѓа патеката Сузука. Според прогнозите ветерот би можел да достигне брзина и до 160 километри на час.
„Се вложуваат напори измените во распоредот да бидат минимални. Меѓутоа безбедноста на навивачите и натпреварувачите и сите останати на патеката Сузука се приоритет за нас“, се наведува во соопштението на Формула 1.
Конечната одлука ќе треба да ја донесат градските власти, чија обврска е да ја затворат патеката и да ги предупредат луѓето да не излегуваат надвор.
„Јасно е дека нема да можеме да возиме доколку тајфунот удри тука“, рекол возачот на Ферари, Шарл Леклер.
Два пати поради лошото време, во минатото, квалификациите биле одложени, во 2004 и 2010 година. Во двата случаи тие биле одржани во недела наутро, воочи трката.
Квалификациите се закажани за в сабота од 8 часот, додека трката за Големата награда на Јапонија ќе стартува в недела од 7.10 часот.