Поранешниот шеф на Ферари, а сега претседател на ФИА, Жан Тод открива дека го посетил седумкратниот Ф1 шампион Михаел Шумахер минатата недела и вели дека Германецот уште се бори да ги надмине катастрофалните последици од повредата на главата поради кои речиси седум години е надвор од очите на јавноста.
Шумахер имаше пад при скијање на Француските Алпи во декември 2013 година, а откако помина одредено време во медицински индуцирана кома, неговото семејство, предводено од сопругата Корина успешно го крие во нивниот дом на езерото Женева во Швајцарија. Тод, кој му е близок пријател на 51-годишниот Шумахер, е еден од ретките кои добиле шанса да го посетат Шуми.
„Го видов Михаел минатата недела. Тој се бори. Боже, сите знаеме дека имаше несреќна и страшна трагедија која му предизвика многу проблеми, но покрај него е неговата прекрасна сопруга, ги има децата, медицинските сестри и само можеме да му посакаме најдобро нему и на неговото семејство. Јас можам да бидам тука кога ќе бидам потребен“, вели Тод.
Луис Хамилтон ќе се доближи на само една победа од рекордот на Шумахер од 91 победа доколку триумфира во недела во Муџело, а исто така е на добар пат да го израмни неговиот рекорд од седум светски титули оваа година и Тод верува дека тоа е неизбежно.
„Луис ќе ги помине сите рекорди на Михаел бидејќи е многу талентиран возач. Мотивиран е, вози за најдобриот тим, и сите состојки се присутни. Едниот возач го познавам многу добро, а другиот само површно, но јасно е дека двајцата се целосно различни, а ги обединува страста, професионалноста и физичката подготвеност“, додава Тод.