Top Sport

Тод по третпат шеф на ФИА, Маса доби „работа“

Жан Тод беше реизбран за претседател на Светската автомобилистичка федерација (ФИА) откако немапе против-кандидати, и како прв акт во новиот четиригодишен мандат обезбеди нова функција на Фелипе Маса, возачот чиј шеф беше кога беше главен човек на Ферари.

71-годишниот Французин, кој доби трет мандат од страна на Генералното собрание на ФИА, вели дека тој претставува континуитет во спортот кој има многу предизвици. Формула 1 доби нов сопственик во американската компанија „Либерти медија“ во јануари и влегува во период во кој треба да ги обнови договорите на тимовите по 2020 година, и веќе има први бунтовници – претседателот на Ферари, Серџо Маркионе веќе се закани дека ќе го повлече најстариот и најуспешен Ф1 тим ако има правила кои не им се допаѓаат.

„Моторспортот е во здрава положба, но знаеме дека има многу работи кои треба да се остварат. Имаме пирамида кај формула трките – Ф4, Ф3, Ф2 и Ф1, нешто што не постоеше во минатото. Сакаме да имаме слична ситуација и во другите спортови“, додава Тод.

Тод ќе го води преуредениот кабинет со Новозеланѓанецот Брајан Гибонс, кој ќе го замени Американецот Ник Кроу, претседателот на Сенатот на ФИА кој го води менаџментот и финансиите на ФИА.

Маса пак, кој во текот на кариерата беше менаџиран од синот на Тод, Никола, ќе биде шеф на картинг-комисијата на ФИА, ЦИК-ФИА.

Scroll to Top