Top Sport

Тод со сурови вести за Шумахер: Би сакал ситуацијата да е поинаква

Здравствената состојба на седумкратниот светски шампион во Формула 1, Михаел Шумахер е една од „тајните“ кои успешно се крие веќе речиси пет години, но претседателот на ФИА, Жан Тод е еден од ретките кои имале шанса да го видат Германецот во последно време.

Тод, кој му беше шеф на Шумахер во поголемиот дел од блескавата кариера во Ферари, вели дека го посетува Шумахер „најмалку двапати месечно“, но немаше добри вести за армијата фанови кои бараат некакво соопштение.

Шумахер доби сериозни повреди на мозокот при пад на скијање во декември 2013, по што по неколку месеци во медицински индуцирана кома беше пренесен во неговиот дом во Швајцарија, по што вестите за него „секнаа“. Тод не открива многу, пак според желбите на семејството, но нема оптимистички вести.

„Велам дека ситуацијата е многу лична и приватна. Го гледам Михаел, го сакам Михаел. Се гледам со неговото семејство. Би сакал ситуацијата да е поинаква, но не е“, изјави Французинот во интервју со британскиот весник „Тајмс“.

Тод, кој беше шеф на Ферари од 1993 до 2007 година, вели дека најдоброто сеќавање во живото е кога Шумахер стана светски шампион, прв за Ферари по 21 година во 2000. Тој исто така покажувајќи ја фотографијата на своите „најмили“ имаше емотивна изјава.

„Тоа се моите тројца најмили. Михаел, мојата сопруга Мишел и мојот син. Оваа фотографија е кога ја добив ’Лежион д’онор’. Тие дојдоа на прославата и тоа беше посебен момент“, открива Тод.

Scroll to Top