Тојота ќе се обиде повторно да стигне до победа на 24 часа Ле Ман во 2018 и 2019 година, откако јапонскиот гигант се обврза на уште две години во Светскиот ендуранс шампионат (ВЕЦ).
Тојота размислуваше за позицијата во спортот откако шампионите Порше се повлекоа на крајот на сезоната 2017, оставајќи ги Јапонците како единствен голем производител во првата ЛМП1 категорија. Сега, тие решија да се обврзат на „супер-сезоната“ од 2018/19. Сезоната во ВЕЦ следната година ќе трае 14 месеци и ќе вклучува две изданија на 24 часа Ле Ман.
„Жалиме што нашиот ривал во технологијата, Порше, реши да се повлече од Ле Ман. Но, Светскиот ендуранс шампионат, а посебно трката во Ле Ман останува оптимално решение за развојот на автомобилите за следните 100 години“, изјави претседателот на Тојота, Акио Тојода.
Ова ќе ги зголеми шансите на двократниот Ф1 шампион Фернандо Алонсо да стигне до победа на 24 часа Ле Ман, откако тој веќе тестираше со нив во Бахреин минатиот месец.
Само еден јапонски производител победил на Ле Ман, Мазда во 1991 година. Тојота пет пати беше на второто место и потроши стотина милиони долари последните години во обид да стигнат до победата на француската класика.