Top Sport

Трагедија за Леклер и Ферари во Бахреин – Мерцедес до „подарена“ 1-2 победа!

Луис Хамилтон и Валтери Ботас донесоа 1-2 победа за Мерцедес на Бахреин ГП трката, втора на календарот, откако Ферари доживеаја невидена катастрофа – Себастијан Фетел се изврте во борба за позиција и заврши како петти, додека само безбедносното возило го спаси третото место на Шарл Леклер, откако младиот возач на Скудерија беше на чекор до победа пред нешто да тргне наопаку со неговиот болид.

Откако доминираа на тренинзите и квалификациите на Сакир, Ферари очекуваа 1-2 победа на патека која секогаш им одговарала, и работите се одвиваа добро (барем за Леклер) сè до финишот на трката, кога одеднаш болидот на Леклер остана без моќ и прво Хамилтон, а потоа и Ботас лесно го претекнаа.

Леклер ќе останеше и без подиум во финишот, но за негова среќа, двајцата возачи на Рено, Нико Хилкенберг и Даниел Рикардо излетаа во претпоследниот круг, за безбедносното возило да излезе на патеката и да го сочува неговото трето место пред Макс Ферстапен во Ред бул кој бру се доближуваше. За трката да биде целосна „катастрофа“ за Ферари се погрижи и Себастијан Фетел, кој трката ја заврши на петтото место откако во обид да се одбрани од напад на Хамилтон се изврте и го оштети предното крило, влегувајќи во боксот.

Фетел претходно го помина Леклер на стартот, но младиот возач од Монако имаше одлична трка и успеа да го врати водството од својот далеку поискусен колега. Ако нешто може да ги утеши Ферари тоа е „чистата“ брзина која ја покажаа на патеката, надминувајќи ги проблемите од Австралија, но засега среќата не беше на нивната страна.

Хамилтон призна дека победата му е „подарена“ веднаш преку радио-комуникацијата.

„Момци, ова беше многу несреќно за Шарл. Тој имаше одлична трка. Мораме да работиме напорно да ги држиме овие момци зад нас“, изјави Хамилтон.

Топ 10 ги комплетираа Лендо Норис во ветувачка трка за Мекларен, Кими Раиконен за Алфа Ромео, Пјер Гасли (Ред бул), Александер Албон (Торо росо) и Серхио Перез (Рејсинг поинт).

Scroll to Top