Top Sport

Уште не е готово! Маестрална бразилска победа на Хамилтон

Луис Хамилтон и Мерцедес во Бразил покажаа дека се подготвени до крај да се борат со Макс Ферстапен и лутите ривали од Ред бул за титулата, стигнувајќи до маестрална победа на Интерлагос и покрај сите казни и дисквалификации кои ги доби седумкратниот светски шампион.

Викендот кој започна со казна од 5 места за неделната трка за Хамилтон поради промена на моторот, доби поинаква димензија во саботата, кога неговиот Мерцедес беше дисквалификуван од пол-позицијата остварена за спринтерската трка поради нерегуларност на нивното задно крило. Хамилтон во саботата стигна од последното место на стартот до 5., поминувајќи неверојатни 15 болиди за 24 круга, за денешната трка да ја стартува од 10. место.

Ова не го спречи Хамилтон да ја покаже супериорноста во текот на тактичката бурна трка во Сао Пауло. Неговиот колега, Валтери Ботас не успеа да ги заддржи возачите на Ред бул, Ферстапен и Серхио Перез на стартот, но со малку среќа и излегувањето на безбедносното возило, Хамилтон по десет круга успеа да дојде на третото место. Откако лесно го помина Перез, тој и неговиот тим се обидоа да направат предност преку прво влегување во боксот, но Ферстапен двапати решаваше да го следи неговиот чекор и на крајот по две влегувања да влезе во боксот.

Откако по првиот обид да го претекне Ферстапен, двајцата завршија надвор од патеката, се веруваше дека Ферстапен ќе добие казна од ФИА, но стјуардите потврдија дека нема да има истражување на инцидентот, во 59. круг, Хамилтон успеа да го помине чисто Ферстапен и да ја потврди победата „бегајќи“ му повеќе од 7 секунди за неколку круга.

Победата го носи Хамилтон на 14 поени зад Ферстапен на три трки до крајот на сезоната, а како што се „наострени“ двајцата возачи и нивните тимови, можеме да очекуваме „искри“ до крајот на сезоната.

Ботас ја заврши трката на третото место, пред Перез во вториот Ред бул, по што следуваше двоецот на Ферари, Шарл Леклер и Карлос Саинс, а во поени беа и Пјер Гасли (Алфа Таури), Фернандо Алонсо (Алпине), Естебан Окон (Алпине) и Лендо Норис (Мекларен).

Scroll to Top