Top Sport

Успешен прв ден за Димушевски и Гушиќ на Рели Србија

Македонскиот екипаж Владимир Димушевски и Бранко Гушиќ го завршија првиот ден од Рели Србија на второ место во нивната „RC5“ класа и се на 19. место од 39 екипажи во генералниот пласман. Во недела се возат уште шест етапи.

dobivaj vesti na viber

По првите шест етапи од првиот ден на 55. издание на Рели Србија кое викендов се вози во околината на Врњачка Бања, македонскиот екипаж Димушевски-Гушиќ е блиску до пласман на подиумот во нивната „RC5“ класа. Тие денот го завршија на второто место.

Во генералниот пласман, со вкупно време од 1 час и 13 минути, тие се 19.и од 39 екипажи колку што стартуваа денес. Во недела на програмата се уште шест брзински испити во кои се надеваме дека Димушевски и Гушиќ кои возат „Hyundai i20 Coupe“, ќе го повторат денешниот резултат.

Денот беше исполнет со многу доживувања, а секоја етапа носеше поинаков предизвик, па така ова рели е вистинска прилика за нашиот екипаж за собирање на непроценливо искуство.

„Неверојатно напорен и истоштувачки ден. Почнавме утрово во 9 завршивме дури во 18 часот. Секоја етапа беше неверојатно тешка и бараше врвно и безгрешно возење и ситуации со кои досега не сме се сретнале. Втората етапа, таканарешениот Силвер, беше долга дури 27 километри до врвот на планината Гоч, така да возилото и немаше толку сила да го возиме до максимум до самиот крај. Третата етапа имаше мазен и многу лизгав асфалт со многу песок. На петтата етапа, романскиот екипаж со кого се “бркавме“ за второто место во нашата класа излета токму пред нас, па имавме некои 30-тина секунди застој. Потоа ја изгубивме конекцијата на радио врската помеѓу нас, па гумите веќе престанаа “да држат“ и последната, шеста етапа само гледавме да ја завршиме. Навистина ова денес беше големо доживување. Низ сите ситуации научивме многу работи, собравме многу искуство, задоволни сме од денешниот пласман“, изјави совозачот Гушиќ.

„Во недела ќе биде посебно опасна третата етапа“, вели Димушевски и додава.

„Тоа е една од овие што ја возевме денес, но обратно, од врвот надолу. Во мојата кариера сум имал толку многу извозени трки на брдски патеки, но секојпат нагоре, утре за прв пат ќе возам трка обратно, односно по удолнина. Тој асфалт е многу нечист со многу песок, ќе треба да внимаваме на дупките покрај патеката и да не ги прегрееме сопирачките. Тактиката за утре е да го задржиме сегашниот пласман затоа што во нашата класа Бугаринот Томов е 4 минути зад нас, а романското рено клио кое е во водство има предност од 6 минути пред нас. Во генерала, приоритетот е да останеме во првите 20, но главниот фокус ќе биде на пласман на подиум во класата.

Scroll to Top