Top Sport

Васер останува шеф на Ферари

Французинот Фредерик Васер го продолжи договорот со Ферари и ќе остане директор на италијанскиот тим од Формула 1, објави денес Ферари.

Васер, стана шеф на Ферари на почетокот на 2023 година. Италијанските медиуми шпекулираа дека неговата иднина е неизвесна, поради незадоволителната прва половина од сезоната, но него јавно го поддржаа возачите на тимот, Шарл Леклер и Луис Хамилтон.

Извршниот директор на Ферари, Бенедето Виња, изјави дека одлуката за продолжување на соработката е заснована на доверба и заедничка амбиција.

Иако Ферари сè уште го држи рекордот по број на освоени шампионски титули во конкуренција на конструктори, последната титула датира од 2008 година, додека последен пат славеа во конкуренција на возачи во 2007 година со Кими Раиконен.

Васер се заблагодари за укажаната доверба и истакна дека го чека нов предизвик откако „постави цврсти темели“ во текот на првите 30 месеци на чело на тимот.

Во овогодинешното првенство, Леклер и Хамилтон го заземаат петтото и шестото место во генералниот пласман, додека Ферари е втор во конкуренцијата на конструктори, 268 поени зад лидерот Мекларен.

Scroll to Top