Иако стартот на трката ни најави дека е можна дождлива трка и неочекуван победник, на крајот работите си дојдоа на своето место и Луис Хамилтон триумфираше на Португалското ГП во Портимао, остварувајќи ја својата 92. победа во кариерата.
Со овој триумф пред својот колега Валтери Ботас и Макс Ферстапен во Ред бул, Хамилтон го помина рекордот на Михаел Шумахер од 91 победа во кариерата, и сега убедливо маршира кон својата седма титула, со што исто така би се израмнил рекордот кој многумина мислеа дека ќе трае вечно.
Стартот не беше најдобар за Британецот, откако дождот кој почна да паѓа на патеката, му дозволи на Карлос Саинс Јуниор во Мекларен шокантно да избие на првото место, а Хамилтон беше поминат и од колегата Валтери Ботас. Меѓутоа, по неколку круга, ситуацијата си дојде на своето место и Ботас и Хамилтон го поминаа Шпанецот, по што Хамилтон успеа да го помине и Финецот и да не дозволи изненадување.
Ферстапен не успеа да ги предизвика возачите на Мерцедес, но сепак, успеа да се соземе од судирот со Серхио Перез во Рејсинг поинт во првиот круг за да го освои третото место, додека зад него беше Шарл Леклер, пред одличниот Пјер Гасли во Алфа Таури.
Во поени уште завршија и Перез на шестото место, Саинс заврши како седми, пред двојката на Рено, Естебан Окон и Даниел Рикардо и Себастијан Фетел (Ферари).