Деветкратниот светски шампион, Валентино Роси потврди дека ќе се повлече од Мото ГП шампионатот на крајот на сезоната, ставајќи крај на една неверојатно успешна и долга кариера.
И покрај шпекулациите дека следната година ќе вози во сопствениот ВР46 Дукати тим, по разочарувачкиот старт на сезоната 2021, Роси потврди дека ова му е последната сезона. По девет трки Роси е само 19. во генерален пласман со само 17 поени, а најдобар резултат му беше 10. место во Муџело, а излета од две трки. Ова доаѓа по уште една лоша сезона во 2020, кога заврши на 15. место во генерален пласман.
„За мене ова е тажен момент. Тешко е да се каже и да се знае дека следната година нема да се тркам со мотоцикл“, изјави Италијанецот на прес-конференција пред ГП на Штаерска на Ред бул ринг во Австрија.
Со оваа сезона, 42-годишниот Роси ќе има вкупно 26 сезони, во кои освои 125сс и 250сс титули, и шест Мото ГП круни, запишувајќи се на второто место на вечната листа со 115 победи, од кои последната му беше во Асен во 2017. Само неговиот сонародник и ментор, Џакомо Агостини со 122 победи е пред него. Роси исто така е прв на светот со 235 победи и 65 пол-позиции, какои 96 најбрзи кругови.
Италијанецот беше шампион со Априлија во пониските класи, пред во Мото ГП да победува со Хонда и Јамаха. Тој возеше и за Дукати во 2011 и 2012, во фрустрирачки две сезони. Во својата кариера тој имаше ривалства со многу возачи од различни генерации – почнувајќи со Сете Гибернау и Макс Бјаџи, до Хорхе Лоренцо, Кејси Стонер и во последните сезони Марк Маркез.