Top Sport

Верњ: Кога возите во Ред бул, вие сте само робот

Поранешниот возач на Ред бул, Жан-Ерик Верњ вели дека се чувствувал како робот додека возел за славната австриска компанија во Формула 1. Французинот помина три сезони во Торо росо од 2012 до 2014 година и вели дека не се сеќава по добро на годините во Ф1.

„Тие постојано ми велеа: ’Ќе јадеш ова, ќе спиеш тогаш, ќе играш овој спорт, ќе се смееш таму, ќе го кажеш тоа и нема да се шегуваш. Тоа беше како да си само робот. Кога ќе влезеш, конечно, во болидот, веќе не си среќен бидејќи тоа не си ти. А, јас сакав да се забавувам. Секако, горд сум што влегов во Ф1, но не беше најдобро“, вели Верњ во интервју за „Л’Екип“.

Тој исто така признава дека кога го загубил местото во Ф1 сфатил дека едноставно веќе нема пари.

„Ми кажаа за времето на летните одмори кога бев со семејството. Тоа беше како бомба. Сите соништа ми пропаднаа. Кога заминав од Ф1, веќе немав пари. Бев глупав и не заработив многу пари во Ред бул. Луѓето си мислат дека спортот е полн пари, а јас се сметав дека сум милионер и потрошив бргу сè. Ми требаа две години да се опоравам“, вели Верњ.

29-годишниот Верњ, сепак, најде кариера и надвор од Формула 1, откако веќе освои две титули во Формула Е шампионатот на болиди на електричен погон во 2018 и 2019 година.

Scroll to Top